Андон Ќосето

Андон Лазов Јанев, познат како Ќосето или Касапот 

Андон Лазов Јанев Ќосето, (1855 – 10 септември 1953) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Својата дејност ја започнал како терорист на Македонската револуционерна организација, а подоцна станува нејзин војвода.

Каде со добро, каде со нож

Во своите спомени, тој ќе раскаже: „…Започнав да се движам насекаде, минувајќи и од едната и од другата страна на Вардар, во Кукушко, во Дојранско, Малешевско, Струмичко. Едно време јас требаше да ги обиколувам и другите околии. Ќе се појавеше некаде раздор или пак не ќе одеа добро работите во реонот, Делчев веднаш ќе ми напишеше да отидам таму. Ќе го средев тој реон, ме испраќаа во друг реон, а тој го предавав на друг. Се расправав само со непријатни гости. Како да се наоѓав пред една шума, преку која не минуваше пат, та јас со секира в раце требаше да правам пат среде таа гора. Веднаш потоа излегоа, за секој реон чета. А ние бевме првата чета. И јас ќе отидам таму, ќе скокнам, каде со добро, каде со нож. По едно време се заплашија…“