ВАСИЛ СТЕРЈОВСКИ НА КОРЧАНСКАТА ЛИСТА ЗА ЧЕКАЊЕ ПРАТЕНИЧКИ МАНДАТ!

МАКЕДОНЦИТЕ СО ПОБЕДНИЧКАТА СОЦИЈАЛИСТИЧКА ПАРТИЈА, ВАСИЛ СТЕРЈОВСКИ НА КОРЧАНСКАТА ЛИСТА ЗА ЧЕКАЊЕ ПРАТЕНИЧКИ МАНДАТ!

Пишува: Васил Стерјовски

Почитувани, денес, на крајот од процесот на пребројување на гласовите на кандидатите за пратеници, сакам да им се заблагодарам на сите граѓани од Округот Корча кои ме поддржаа и гласаа за мене на овие парламентарни избори. Благодарност и до сите Македонци од Албанија кои живеат и работат во Македонија и Грција, кои изразија желба на 25 април да дојдат и да гласаат за мене. За жал, Техничкиот комитет на експерти, во врска со мерките за заштита на населението за време на пандемијата со корона вирусот, четири дена пред изборите, воведе двенеделен карантин за секој што доаѓа од Македонија и Грција. Поради тоа, Македонците од овие држави немаа можност да дојдат во Република Албанија и да гласат за мене.

Според освоените гласови, како претставник на политичката партија – Македонска алијанса за европска интеграција, на листата на Социјалистичката партија за Округот Корча сум деветти по ред! Не успеав да влезам во добитната листа, но сум на листата на чекање. Ако се ослободи место во текот на овие четири години, повторно ќе влезам во парламентот, како и во актуелниот мандат кој трае до 8 септември годинава. За исправна ја сметаме одлуката на Македонска алијанса за европска интеграција за коалиција со Социјалистичката партија, бидејќи таа е апсолутен победник на овие парламентарни избори.

Од новата влада на премиерот Еди Рама очекуваме поголема грижа и инвестиции за регионите каде живеат Македонците во Албанија, и вклучување на Македонците во институциите на ситемот. Ќе бараме решавање на многубројните проблеми со кои се соочуваат Македонците во Албанија.

Македонска алијанса

Македонска алијанса за европска интеграција е единствената политичка партија која предизборно беше во коалиција со Социјалистичката партија.Минатата недела на терен започна да се спроведува проектот за вода за пиење на селата во Општина Пустец во вредност од 4 милиони евра, со што ќе се реши еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат Македонците во Општина Пустец, во областа Преспа.

Имам целосна верба, дека во третиот мандат на Социјалистичката партија ќе сториме многу повеќе за областа Преспа и регионот Корча. Благодарение на инвестициите на Владата, ќе ја претвориме Преспа во вистинска туристичка дестинација.Ќе вложам се од себе, заедно со сите Вас, до крајот на мандатот на 8-ми септември 2021 година да ги остварам обврските на пратеник и достојно да ве претставувам во Собранието на Република Албанија. Нашиот слоган е: Одиме напред! Нема откажување.

Борбата продолжува за права, просперитет, интеграција и економски развој. За трансформација на Преспа, Округот Корча, Врбник, областите Голо Брдо и Гора, за трансформација на цела Албанија! Ќе сторам се’ што е во рамките на можностите и надлежностите, за интеграција на Македонската зедница во институциите на власта, и во економскиот и социјалниот живот во Република Албанија!