Големата базилика во Хераклеја Линкестис

Големата базилика во Хераклеја Линкестис , Битола, Македонија

Мозаичен под од крајот на 5 и почетокот на 6 век во нартексот на Големата базилика во Хераклеја Линкестис, Република Македонија.

Мозаикот содржи три елементи: небото, земјата и водата. Распоредот на елемнтите е сличен на останатите пронајдени космолошки претстави од ранохристијанскиот период – небесниот свет во центарот, концентрично развивање на земјата околу него, и водниот свет кој ја врамува целата композиција. Овие примери покрај својата декоративност претставуваат симболични прикази на космосот кои ни помагаат да го разбереме тогашното согледување на светот.

Небесниот свет е претставен преку централниот мотив, р’бетот на оваа композиција околу која симетрично се нижат останатите елементи. Силмболизирајќи го христијанството виновата лоза „извира“ од кантаросот а кон неа пристапуваат следбениците – елен, срна, пауни и гулаби, зооморфни симболи на душите на верниците кои по смртта заминуваат во рајот. Со слична симболика е и ритуалното причествување кога христијаните го пијат виното – грозјето од виновата лоза – крвата на Христос, или пијат од Божјиот изор на верата.

Наспроти спокојниот приказ на рајската градина околу се развива светот на земјата, каде преку флората и фауната се пренесува прилично силна симболична порака. Борбите меѓу животните алегориски ја прикажуваат телесната смрт, човековите порази и страдањето. Со ова се прави силниот контраст помеѓу животот на небото и земјата – на рајот и пеколот. Токму овој дел од мозаикот се наоѓа на објавената фотографија.

Мозаикот во нартексот на големата базлика во Хераклеа претставува врвно уметничко достигнување од ранохристијанскиот период. Неговото симболичко прикажување на христијанските догми инспирира и многу од подоцнежните мозаици во регионот.

Денес, во склоп на археолошкиот локалитет Хераклеа, тој е заштитен како културно наследство на Република Македонија.

Извор: Macedonian Archeology