Прва Егејска Македонска ударна бригада

Прва Егејска Македонска ударна бригада била формирана на 18 ноември 1944 година во селото Драгош, Битолско. Била формирана од дел од македонските воени единици што се одделиле од ЕЛАС и од дел од бригадата „Гоце Делчев“. Во нејзиниот состав влегле: Костурски, Лерински, Воденски и Придружен баталјон со тешкото вооружување.

Командант на Прва егејска ударна бригада Илија Димовски – Гоче

Командант на Прва Егејска Македонска ударна бригада бил Илија Димовски – Гоче, политички комесари: Михаил Пангов Керамитчиев и Динко Делевски, а началник на штабот бил Стив Георгиев – Димов. Во време на формирањето, бригадата броела околу 400 вооружени борци, а 600 други чекале вооружување. Во наредниот период бројот на борци и старешини достигнал околу 2000.

Борбен пат

По формирањето на организации на КПМ во одделните единици се одржала Првата партиска конференција на бригадата, во Битола на 22 ноември 1944 година. Бригадата ги разбила балистите во селото Острец, Битолско меѓу 4 и 5 декември и ги ликвидирала со гонење на 6 и 8 декември.

Подоцна била упатена кон Полог на 3 јануари 1945 година, за ликвидирање на заостанатите балистички сили и по тридневен марш на 6 јануари стигнала во Гостивар. Младинската организација на бригадата избрала 5 делегати и тие учествувале во работата на Вториот конгрес на НОМСМ, во Скопје, од 6 до 8 јануари 1945 година.

Во Полог стационарно се поделила на неколку дела: во Гостивар, во селата Врапчиште и Баница (Гостиварско) и во Тетово.

Во двомесечните акции на просторот од селото Зајас, Кичевско, до Полог и кон Шар Планина биле ликвидирани над 400 балисти и нивни соработници во текот на јануари и февруари. Од новопристигнатите борци биле формирани уште два баталјона.

На почетокот на март Прва егејска ударна бригада била преместена во Скопје на 7 март била поделена на два ешалона: првиот ешалон преместен во Гевгелија, а вториот во Битола и потоа расформирани на 2 април 1945 година, а борците прераспределени во други воени единици.. Делот од нејзиниот состав што бил прекомандуван на теренот во Гевгелија и Битола имал задача да ја штити македонско-грчката граница, каде останала до своето расформирање.