ЦЕНТРАЛEН СОВЕТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА

ПРОТЕСТ ПОРАДИ НЕЕДНАКВИТЕ УСЛОВИ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ДРЖАВЈАНИ НАДВОР ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СО УСЛОВИТЕ ЗА ИЗБИРАЧИТЕ ВО РЕПУБЛИКАТА!

18 мај 2020 година, Берлин, Германија – Централниот совет на Македонците во Германија протестира поради нееднаквите услови за македонските државјани во странство со тие во Република Македонија во остварувањето на избирачкото право на престојните предвремени парламентарни избори!

Централниот совет на Македонците во Германија

потсетува дека секој македонски државјанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право, кое е уставно загарантирано и еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање, освен за лицата на кои им е одземена деловната способност!

Централниот совет на Македонците во Германија

укажува дека државата е должна секому да создаде еднакви услови за остварување на избирачкото право, независно од местото на живеење во Република Македонија или надвор од неа!

Централниот совет на Македонците во Германија

повторно протестира за нееднаквите услови за остварување на избирачкото право за македонските државјани надвор од Република Македонија со условите за избирачите во Република Македонија и бара бришење на цензусот за валидност на изборите за македонските државјани надвор од Република Македонија во седмата изборна единица, како што не постои ниту за избирачите во Република Македонија, односно да се избришат ставовите (3), (4), (5) и (6) од членот 4 на Изборниот законик!

Централниот совет на Македонците во Германија

бара да прекине праксата македонските државјани надвор од Републиката за секои претседателски и парламентарни избори повторно да се пријавуваат за упис во посебниот избирачки список за седмата изборна единица! Еднаш запишан во посебниот избирачки список за седмата изборна единица мора да остане за сите парламентарни и претседателски избори, се’ додека не поднесе пријава за промена на изборната единица во избирачкото место според последното место на живеење во Република Македонија!

Централниот совет на Македонците во Германија

Државната изборна комисија да организира електронско гласање за македонските државјани надвор од Република Македонија, имајќи предвид дека гласачките места во дипломатско-конзуларните претставништва се оддалечени повеќе од 3 односно 5 километри од најоддалечената адреса, најчесто со стотици и илјадници километри што го прави невозможно остварувањето на избирачкото право! Поради ова, Централниот совет на Македонците во Германија бара поништување на ставот (2) од членот 166 на Изборниот законик. Електронското гласање за македонските државјани надвор од Република Македонија ќе ги анулира патните и дневните трошоци за гласачките одбори и гласачките места во дипломатско-конзуларните претставништва. Електронското гласање е целисходно и за македонските државјани во Република Македонија во услови на вонредни мерки поради пандемијата со корона вирусот.

Централниот совет на Македонците во Германија

бара изменувања на Изборниот законик заради создавање еднакви услови за остварување на избирачкото право на македонските државјани надвор од Република Македонија и избирачите во Република Македонија!
Централниот совет на Македонците во Германија протестира бидејќи овие аномалии за македонските државјани надвор од Република Македонија се повторуваат на секои парламентарни и претседателски избори!

Централниот совет на Македонците во Германија

истовремено, изразува огорченост од најавата на Државната изборна комисија, дека македонските државјани во странство кои ги има на избирачкиот список, а сакаат да се вратат да гласат во Република Македонија за предвремените парламентарни избори, веројатно ќе треба да бидат во карантин 14 дена, што бара посебни услови за гласање кои не подлежат на импровизации.

Централниот совет на Македонците во Германија

бара повторување на сите изборни дејствија поради нов датум за одржување на изборите, ажурирање на избирачкиот список и право на глас за сите кои од 12 април 2020 година до денот на одржувањето на изборите ќе станат полнолтени, но и бришење од избирачкиот список на сите кои од 12 април 2020 година до денот на одржувањето на изборите починале!