Љубомир Цуцуловски: „Храброста“ на бугарските политичари започнува со Македонија и завршува со молк пред Грција, на која не ѝ поставуваат никакви барања за „Бугарите“ во неа

Пишува проф.д-р Љубомир Цуцуловски

ХРАБРОСТ (1). Бугарските политичари, загрижени за судбината на Бугарите во Република Македонија, не покажуваат никаков интерес за судбината на „Бугарите“ во Грција. Дотаму оди нивната грижа/храброст за „сонародниците“ во соседните земји. Таму каде што ќе насетат слабост, безочно притискаат. Во другите случаи мудро молчат, ако во молчењето има некаква храброст. Сепак, на овој план (молчењето), „македонските“ политичари се ненадминливи. Уста отвораат само кога треба нешто да потврдат/одобрат.

ХРАБРОСТ (2). „Храброста“ на бугарските политичари започнува со Македонија и завршува со молк пред Грција, на која не ѝ поставуваат никакви барања за „Бугарите“ во неа. Ако ништо повеќе, барем да побараат признавање на „Бугарите“ во егејскиот дел од Македонија, кој еден век е во рамките на Грција. Ова беше основната идеја на мојот вчерашен пост „Храброст.“

Меѓутоа, вистинската храброст на бугарската политика ќе дојде до израз ако двојниот ослободител (Русија) продолжи со барањата Бугарија да го откаже гостопримството на војските на НАТО.

Ова барање на Русија, упатено и до Романија, може да се интензивира, ако ситуацијата околу Украина продолжи да се усложнува. Работите, по сѐ изгледа, одат во таа насока. Тогаш, на дело, ќе се види колку е храбра бугарската политика, која долго време ја славеше Русија како двоен ослободител: прво, од Османлиското ропство 1878 год; потоа, од фашизмот 1944 година.

Признавањето на двоен ослободител имплицира дека оваа земја никогаш не успеала самата да се ослободи. Дури и првиот кнез на Кнежеството Бугарија (принцот Александар I од Батенберг) немал ништо бугарско. Меѓутоа, роднински бил поврзан со дворот на рускиот цар Александар II. Значи, бил увезен. Толку за храброста и оригиналноста на бугарската политика, која наскоро може да се најде пред изборот – Исток или Запад. Нејзиното често менување на страните е познато. Колку навистина ѝ помагнало не е јасно дури ни за самите Бугари.

а некој ден Владата на Македонија (веројатно на 25.01. о.г.) ќе замине на преговори во Бугарија. За што ќе се преговара/отстапува, не се „знае“, макар што, во основа, се знае. Не би било лошо барем нешто од претходното да им го предочат на бугарските политичари и конечно од нив барем нешто да побараат, освен лелекање за имагинарниот прием во ЕУ. Тешко може да се очекува дека такво нешто ќе се случи од „македонска“ страна. Сепак, ова нека биде мало потсетување на „македонските политичари“ што би можеле да направат.

Пишува проф.д-р Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ