117 години од херојската смрт на Гоце Делчев

Револуционерот Гоце Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите Гоце Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 – Баница, 4 мај 1903) — македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење.

Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование (1879– 1887), во Солун, во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште (1891–1894). Се вратил во Македонија (1894) и во Штип бил учител во Ново Село.

Од Солун се упатил за Серско на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ. Пристигнал во селото Баница, Серско на 3 мај. Војската го опколила селото и во борбата утрото загинал Делчев, бескомпромисниот борец за самостојна македонска држава.

По убиството во 1903, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Народот го опеал во народните песни како јунак за каков бил доживуван секаде каде ја проповедал идејата за слободна Македонија. Неговото дело ќе инспирира илјадници македонски генерации до конечниот пат до слободна и независна Македонија! Неговите мисли и погледи ќе ги надминат границите на Македонија вбројувајќи го Делчев во еден од најголемите визионери на своето време. Неговите гледишта остануваат безвременски!