118 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Гоце Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 – Баница, 4 мај 1903) — македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење.

Револуционерот Гоце Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер. На пат за Ловчанската корија на Али Ботуш, каде што го закажал Конгресот на Серскиот револуционерен округ, Гоце запрел во селото Баница, Серско. Таму се сретнал со четите на Бродалијата и Димитар Гуштанов. Овде се затекнал и Димо Хаџи Димов. На 3 мај 1903 година, вечерта, Гоце бил мошне импресиониран од Солунските атентати и во селото Баница ги изрекол зборовите: Ги разигравме анамите со широките шалвари во Солун, така ќе ја растресеме целата турска гнила империја од темел.

Во борбата кај Баница учествувале 14 борци. Биле убиени: Гоце, Стефчо Трлишанчето, Кољо Консулата, Димитар Гуштанов. Бил ранет: Ѓорѓи Савеклијата. Другите се извлекле преку една плевна и заминале од селото. За одмазда, аскерот го запалил селото и го бомбардирал со топови. Биле изгорени 124 куќи, изгорени селани 5, убиени 4, затворени 24. За овој подвиг Тефиков добил полковнички чин. Во текот на борбата телото на Гоце останало на местото каде што тој паднал. По борбата Тефиков го познал Гоце и дал наредба да се пренесе во Сер. Тоа го сакале и некои други видни турски управници од Сер за да го носат Гоцета како воен трофеј и да го деморализираат населението. Меѓутоа, пристигнала наредба од Солун да се остави Гоцевото тело во Баница и тука се погребе. Така загинал Гоце во Баница, храбро и достоинствено. Го даде својот живот за ослободување на Македонија.

Димо Хаџи Димов, близок соработник и пријател на Гоце, и самиот учесник во борбата кај Баница го оставил следното потресно сведоштво: Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце, наведнат, чиниш, врз грбот на Македонија. И петнаесет часа ни се кинеа срцата.

Гоцевата смрт била регистрирана во повеќе османлиски телеграми. Борбата кај Баница најпрво била регистрирана во шифрираната телеграм од управата на Серскиот санџак од 4 мај 1903 година, а Гоцевата смрт во шифрираната телеграма на Солунската окружна управа од 5 мај 1903 година. Османлиското задоволство било големо. Високата порта издала официјално соопштение со што ставила посебен акцент на настанот. Во тој контекст, Хусеин Тефиков бил унапреден во аскерски полковник. Ненадејната смрт на Гоце, нашла место во дипломатските извештаи.

Трагичната судбина на Гоце Делчев ја завила Македонија во траур. Неговата смрт претставува ненадоместлива загуба за македонскиот народ. Овај настан особено ги погодил смилевските конгресисти. На 31 годишна возраст слегла од животната и историската сцена, несомнено, најдинамичната личност на македонското револуционерно национално ослободително движење во предилинденскиот период, којшто оставил трајни траги во поновата македонска историја.