Алберт Сониксен американски новинар за македонската борба за слобода

Алберт Сониксен (5 мај 1878, Сан Франциско, САД – 15 август 1931, Вилимантик, САД) американски новинар, заинтересиран за македонската борба за слобода.

На 21 години, во 1899 година, заминал како учесник во американска експедиција за Филипините, каде што преминал на страната на бунтовничките локални племиња. Во 1901 година во Њујорк ја објавил својата прва книга со спомени од оваа авантура.

По Илинденското востание се заинтересирал за ослободителната борба на Македонската револуционерна организација во Отоманското Царство и одлучил да ја посети Македонија.

Во периодот помеѓу 1904-1906 комуницирал исклучиво со револуционери од Македонската револуционерна организација. Од февруари до ноември 1906 ја обиколувал Македонија со организациски чети како дописник на англиски и американски весници. Имал средби со: Лука Иванов, Апостол Петков Терзиев, Сава Михајлов, Ѓорѓи Сугарев и Даме Груев. Станал сведок на нападите извршени од страна на грчките андартски чети во текот на грчката вооружена пропаганда во Македонија, а во 1907 година по враќањето во Америка продолжил да ја брани каузата на македонските револуционери. Во 1909 година ги објавил своите спомени од престојот во Ениџевардарското езеро и Битола во книгата “Исповед на еден македонски четник”.

Во 1911 година, Алберт Сониксен бил претставник на ВМРО во САД, заедно со Ичко Димитров прават неуспешен обид да набават митралези за внатрешноста на Македонија. По војната продолжил да се интересира за судбината на Македонија.

Извор: Егејскиот дел на Македонија – Aegean part of Macedonia