Виолета Ачкоска: „Во одбрана на историјата“Историјата е како земјата на која газиме. Таа не ни припаѓа само нам, туку и на претходните и на идните генерации!

Историјата е како земјата на која газиме. Таа не ни припаѓа само нам, туку и на претходните и на идните генерации. И како bonus pater familijas, треба да ја сочуваме, а не да ја бришеме. Со секое бришење, убиваме еден по еден од нашите предци и ги сушиме корените на дрвото на траење во времето и просторот.

Така, новите генерации нема да имаат свој корен, свој идентитет, туку идентитет наметнат со политичко насилство. Со корнењето на македонскиот корен (преку „добрососедските“ договори со Грција и Бугарија), доаѓаме до суштината на „конечното решение“ на македонското прашање.

Македонскиот народ го претопуваат во некаква мнозинска заедница која веќе не е државотворен народ. Државата Македонија веќе не е држава, туку територија – Северна. Се брише милениумско име на народ кој со векови ги негувал своите посебности: име, јазик, обичаи, кој има богата колективна и индивидуална меморија, кој од 1944 до 2001 бил државотворен, а потоа низ хируршки интервенции на „демократскиот“ запад полека се обезличува во мнозинска заедница односно етничка заедница која нема матична држава.

„Во одбрана на историјата“

Останува територија на која живеат секакви заедници и каде двојазичноста влезе со кршење на Уставот и законите. Операцијата попис е последниот чекор кон федерализација и поделба на Република Македонија, а „комисиите“ за договори и преговори се само надворешна фасада на една одамна продадена куќа.

За жал, целиот процес помина со незначителен отпор од едната страна и со невидено насилство и деградирање на оние кои се спротивставуваа на убивањето на Македонија, од другата. Одземањето на историјата е одземање на правото на државотворност. Нам ни се одзема всушност историскиот легитимитет како народ на територија на која живее со векови. И затоа ќе бидеме само СЕВЕРНА територија.

Сепак, јас секогаш кажувам дека историјата е непредвидлива, дека и народот кој молчи некогаш може силно да го изрази револтот против националното понижување. Историјата можеби суди со задоцнување, но секој ќе си го најде своето место. Македонија вечна!

Извор: Виолета Ачкоска