На 27 април 1905 во нерамна борба загина Никола Карев

Никола Карев, кој е роден во Крушево во 1877 година загина на 27 април 1905 година во месноста Свиланово, во близина на кочанското село Рајчани.

По паѓањето на Крушево во турски раце, Никола Карев со своите соработници се повлекува во околните планини, за да кон средината на ноември 1903 година се префрла во Белград.  Од Белград заминува за Софија каде ја обновува својата активност и учествува во формирањето на Македонско-одринската социјалистичка група во 1905 година.

По неуспешните обиди легално да се врати во Македонија, пролетта 1905 година, Карев решил да го стори тоа илегално. За Македонија тргнал со товар литература и со намера да се оддаде на социјалистичка дејност. На 26 април 1905 година, неговата чета на пат за Крушево преноќила во селото Рајчани, помеѓу Кочани и Пробиштип.

Но, тука беа предадени и веднаш сардисани од османлиската  војска. Следниот ден, на 27 април во нерамна борба загина младиот Никола Карев, заедно со многу борци од неговата чета.

Посмртните останки на Никола Карев во 1953 година, по повод одбележувањето на 50 години од Илинденското востание, се пренесени во Крушево. На 11 април 1990 година тие се пренесени во Македониумот.